Мир во душата

Во осамени предели
душата мир да ми најде,
мал контакт со светот,
колку да знам,
моето сонце не зајде.
Свежина шумска наутро,
напладне вжештено небо,
навечер штурци да слушнам,
по некој осамен був
нека ми прави друштво.
Пред завесата да се спушти
ќе има ли време за почин?
Вселената да ме успие,
без грижи и мисли
слатко да затворам очи.

 

 

Од „Музика без ноти“

…Ќе избегам од времето
кон тебе.
Кај ли да се најдеме?
Реф:
Дали во крај кај што блеска од сјај
или во стих опеан?
Со бисерен глас ќе пеам за нас,
ќе подготвам се‘!
Сепак во песните најлесно е…

Напуштено село

Низ темен превез денот се наѕира,
бели мугри, а црна судбина.
Празни куќи, пустелија,
чедата далеку заминаа,
катанци тешки на порти ставија,
дворови во трева зараснаа,
бршлени до чардак се вивнаа,
огништата одамна згаснаа,
колевките празни останаа.
Кај што боси детски нозе весело газеа,
сега само гуштери и мравки лазеа.
Кај што ал трендафил во роса се капеше,
сега змија гнездо си правеше.
Кај што глас мил мајчин приспивна пееше,
низ окната прозорски ветер беснееше.
Кај што баба внучиња милуваше,
кај што дедо приказни им раскажуваше,
татковиот двор чедата ги довикуваше:
„Еј, фиданки откорнати,
каде подобра земја најдовте
корени да си засадите?
Ќе имате ли таму плод,
ќе продолжи ли нашиот род?“

Ерато

Јас сум твојот предавник,
неколку пати се откажав од тебе,
разочарана од твојот дар,
налутена што не ми даде повеќе.
Сакав да бидам голем поет,
вруток на убавите зборови,
за песните мои да се чека ред,
не, немаше шанси,
немав таков талент,
понекогаш лесно римувам,
но нема зошто да пишувам.

Јас те предадов,
но ти веруваше во мене,
ќе тропнеше пак на мојот прозорец,
а јас како месечар,
ќе побарав молив и чист лист,
зар не беше тоа прекрасен дар?!
Јас твој предавник,
а ти мој верник!
Колку му должам на Бога
што никогаш не останав сама,
мислите сами доаѓаа,
зборовите сами се редеа!

И еве не пак, друшке,
можеби светот спие,
но пак сме заедно ние,
можеби сега некој пости,
но утре со нашите зборови
ќе посака душа да нагости.

Трипати те љубев

Те љубев јас еднаш, речиси дете,
со венец во коси од вртипоп сплетен,
чуден глас ми шепна, не било време,
за лудоста моја не си бил спремен.

И вторпат те сретнав во погрешна доба,
ни вино, ни бакнеж твој сакав да пробам,
непознат мирис во воздухот се крие,
знаев, друга жена во сонот ти спие.

А судено било и третпат да има
пред слана да падне, пред да фати зима,
но пак сѐ се случи во некаков зол час,
очигледно друг план имал Бог за нас.

Зборовите си подаваат рака во етерот,
го чувствувам твоето присуство во ветерот,
можеби е на минување, како извинување,
стоиме и молчиме, рано е за збогување.

 

Од „Музика без ноти“

…Еј, меанџике, донеси од мене една тура,
ај засвирете прво нешто весело и живо,
а штом полноќ помине,
плачи тивко тажна виолино!…

Лажни приказни

Црвенкапа преголема слобода си зеде,
скршна од патот,
волкот ја изеде.
Нејзината баба склероза ја фати,
во бунарот падна,
ништо не сфати.
Трите прасиња избегаа в шума,
не издржаа со луѓето
полоши од чума.
Трнорушка тешки дроги зема,
еве ја во транс,
за будење шанси нема.
Принцот на печалба појде,
трезорот празен,
лошо време дојде.
Вештерката се чуди кому јаболкото да го даде,
исчезнаа сите,
самата ќе треба да го јаде.

 

 

Од „Музика без ноти“

…Од таткови дворови
букет од јоргован ќе наберам,
пред твојот куќен праг
со птиците ќе пристигнам.
Го барав по светот ветениот рај
и пак решив да се вратам во нашиот крај…